ПРВ.мк
Балкан

НОВА ОЗНАКА ЗА МЕСОТО: Нема повеќе „скриено“ потекло со ситни букви

НОВА ОЗНАКА ЗА МЕСОТО: Нема повеќе „скриено“ потекло со ситни букви

Во Хрватска се подготвуваат нови правила со кои купувачите полесно ќе можат да го забележат потеклото на месото што го купуваат во продавниците.

Министерството за земјоделство предлага измена на правилата за означување на храната без пакување. Според предлогот, информацијата за потеклото на месото ќе мора да биде поставена непосредно до производот, а буквите со кои е испишана нема да смеат да бидат помали од оние на ознаката со цената.

Новото правило ќе се применува на непакувано говедско, свинско, овчо и козјо месо, како и на живина што се продава во малопродажните објекти.

Обврската за наведување на потеклото постои и сега, но Министерството сака информацијата да биде многу повидлива за потрошувачите. Министерот за земјоделство Давид Влајчиќ истакна дека целта е купувачот уште при изборот јасно да знае што купува и од каде потекнува месото.

Под храна без пакување се подразбира храната што се продава непакувана или се пакува непосредно на продажното место.

Паралелно, Министерството претстави и предлог-програма за поддршка на есенската сеидба во 2026 година, вредна 10 милиони евра. Предвидена е поддршка до 70 евра по хектар, за површини од еден до најмногу 50 хектари по корисник. Мерката опфаќа повеќе земјоделски култури, меѓу кои пченица, јачмен, овес и ‘рж.