Повеќе од 30 лекари од Кантоналната болница и Домот на здравје во Ливно поднеле откази поради незадоволство од ниските плати и условите за работа, пренесува „Н1“. Ситуацијата отвора сериозни прашања за функционирањето на здравствениот систем во Кантон 10.
Според информациите, станува збор за 32 лекари, што претставува околу 85 отсто од специјалистите во овие здравствени установи, што дополнително ја зголемува загриженоста за можен колапс на здравствената заштита во регионот.
Претставници на Синдикатот на лекарите во Кантон 10 наведуваат дека незадоволството е резултат на долгогодишни проблеми, меѓу кои најизразени се ниските примања и недоволната поддршка од надлежните институции. Лекарите тврдат дека нивниот материјален статус е меѓу најниските во Федерацијата на БиХ.
Дополнителен проблем, според нив, е и сериозниот недостиг од медицински кадар, поради што постојните лекари се принудени да работат значително повеќе дежурства од дозволените законски норми, што дополнително го оптоварува системот.
Од синдикатот посочуваат дека комуникацијата со кантоналната влада и надлежното министерство е недоволна, а обидите за преговори не дале резултат. Понуденото зголемување на платите од три проценти било оценето како неприфатливо.
Лекарите најавуваат дека ќе продолжат да работат до истекот на отказниот рок, односно до следниот понеделник. Доколку до тогаш не се постигне договор, тие најавуваат прекин на работа од вторник, 14 јули, што би можело сериозно да го наруши функционирањето на здравствените услуги во регионот.
Синдикатот предупредува дека без итна реакција на властите, здравствениот систем во Ливно би можел да се соочи со сериозен застој, со директни последици врз пациентите и целокупното население.








