Јована Алексиќ од Трстеник ќе стане првата Србинка која ќе ја прими револуционерната руска вакцина против рак на кожа, развиена во Институтот „Гамалеја“ во Москва. За терапијата ѝ недостасуваат уште 65.000 евра од вкупната цена од 100.000 евра.
„Бев во петтиот месец од бременоста кога забележав необичен младеж на левата рака. По отстранувањето во 2018 година мислев дека сè е во ред. Но минатата година лекарите открија метастази на белите дробови и мозокот. Пет пати бев на гама-нож, примив повеќе имунотерапии, но без успех. Последната надеж ми е руската вакцина“, раскажува Јована.
По сериозно влошување на здравствената состојба, таа заминала во Москва кон крајот на ноември, каде ѝ била направена детална дијагностика и земени примероци за персонализирана вакцина. Терапијата ќе започне во јануари и ќе се состои од 10 дози, примени на секои две недели.
Јована додава дека најголема мотивација ѝ е нејзиниот осумгодишен син и дека нема намера да се откаже од борбата за живот.
















