ПРВ.мк
Балкан

ГРЦИЈА ПОДГОТВУВА ОТСТАПКИ НА ГРАНИЦИТЕ: ЕЕС системот може привремено да работи без биометриски проверки!

ГРЦИЈА ПОДГОТВУВА ОТСТАПКИ НА ГРАНИЦИТЕ: ЕЕС системот може привремено да работи без биометриски проверки!

При зголемен сообраќај и долги колони на граничните премини, грчките власти имаат можност привремено да го изменат начинот на примена на ЕЕС системот, односно регистрацијата на патниците да се спроведува без земање биометриски податоци како отпечатоци и фотографии. Ова произлегува од официјални одговори на пратенички прашања доставени од заменик-министерот за заштита на граѓаните на Грција, Јоанис Ламбропулос.

Темата стана актуелна поради честите километарски колони на копнените гранични премини, особено на Евзони, кој во Грција се смета за главна влезно-излезна точка за патници од Балканот. Освен медиумите, реакции има и од хотелиерите, како и од политичари кои бараат решенија за забавувањата што се создаваат по воведувањето на новите процедури.

Според објаснувањата од грчките власти, регистрацијата во ЕЕС останува задолжителна за сите државјани на трети земји, но до 8 јули годинава, а по потреба и до 6 септември, постои можност привремено да не се собираат биометриски податоци кога сообраќајот создава прекумерни чекања.

Системот за влез и излез на Европската Унија целосно почна да се применува на 10 април 2026 година и ја замени досегашната практика на ставање печати во пасошите. Новиот систем бара регистрација на секое преминување на границите на Шенген-зоната за државјани на земји кои не се членки на ЕУ.

Од грчките власти посочуваат дека делумната суспензија на биометриските проверки може да се применува само во исклучителни околности и за ограничен временски период, со цел побрзо враќање на нормалниот проток на патници и возила.

Дополнително е објаснето дека на копнените гранични премини нема да се поставуваат киосци за самостојна регистрација. Наместо тоа, контролите ќе продолжат да се вршат во кабините на граничната полиција со специјализирана опрема, а за периоди со зголемен притисок ќе се користат мобилни решенија и преносни уреди за пасошка контрола.

Во меѓувреме, реакции продолжуваат да пристигнуваат и од туристичкиот сектор во северна Грција, каде што хотелиерите предупредуваат дека долгите редици и дополнителните проверки веќе влијаат врз туристичкиот промет и создаваат негативно искуство кај посетителите.

Грчките власти уверуваат дека работат на дополнително зајакнување на инфраструктурата и информатичките системи за да се намалат застоите, особено во пресрет на летната сезона кога се очекува значително зголемен број патници на граничните премини.

Најнови вести