Регионална вест со стратешко значење за транспортот и инфраструктурата ја потресе Југоисточна Европа – Грција, Бугарија и Романија се подготвуваат да потпишат договор за изградба на нов, модерен „вертикален“ транспортен коридор, кој ќе ги поврзува Егејското со Црното Море. Според најавите, договорот треба да биде потпишан во ноември во Брисел, а истиот ќе биде поддржан од Европската комисија и ќе биде финансиран со пари од европските фондови.
Проектот, кој е опишан како „врвен приоритет“ од страна на ЕУ комесарот за транспорт Апостолос Цицикостас, опфаќа изградба на современи автопати и брзи железници, со цел унапредување на европската прекугранична поврзаност. Коридорот ќе ги спои грчките пристаништа на Егејот со инфраструктурата на Бугарија и Романија кон Црното Море, притоа целосно заобиколувајќи ја Македонија.
Оваа иницијатива доаѓа во исто време кога македонската Влада, на октомвриски средби во Велика Британија, потврдува дека планира да финансира изградба на т.н. Брза пруга – од Табановце до Гевгелија, како еден од најголемите инфраструктурни проекти во поновата историја на земјата. Проектот би чинел околу 2 милијарди евра и ќе се финансира со британски заем, за кој досега се најавува каматна стапка до 4,5%.
Дополнителна потврда за амбициите на македонските власти доаѓа и од Атина – грчката страна изразила подготвеност да почне со изградба на двоколосечна пруга од Солун до границата со Македонија веќе следната година, а во тек се усогласувања на техничките детали меѓу железничките претпријатија на двете држави.
Но, додека Македонија бара кредити, нејзините соседи добиваат грантови од ЕУ. Новиот транспортен коридор меѓу Грција, Бугарија и Романија може сериозно да го загрози економскиот оправданост на македонската Брза пруга, предупредуваат експерти.
Универзитетскиот професор Дејан Трајковски остро го критикува пристапот на македонските власти, велејќи дека проектот нема економска логика без значителна поддршка од ЕУ. Според него, без најмалку 75% грант, пругата нема шанса да се отплати дури и ако транзитниот сообраќај се движи преку Македонија. Доколку новиот коридор од Бугарија и Романија ја преземе поголемата част од товарниот и патничкиот сообраќај, македонската траса ќе остане неконкурентна, со мала или речиси никаква искористеност.
“Економијата е сурова и едноставна – ако транзитниот тек се пренасочи преку Грција, Бугарија и Романија, нашата пруга станува чист финансиски трошок. Македонија ќе се задолжи за да изгради нешто што никој нема да го користи“, предупредува Трајковски.
Она што дополнително загрижува е стратегијата на ЕУ да ги поврзува исклучиво своите членки, додека државите од Западен Балкан остануваат изолирани и вон главните инфраструктурни текови. Овој нов коридор е јасен сигнал дека Европската унија инвестира во интерна интеграција, додека Македонија, поради сопствена политичка кратковидост, останува надвор од играта.
Во такви околности, секој километар железница што Македонија ќе го изгради со сопствени пари – без европски поддршка – претставува долговно бреме, а не развојна инвестиција, сметаат аналитичарите.
Заклучокот е јасен: ако новиот грчко-бугарско-романски коридор стане реалност, тогаш македонската Брза пруга може да остане празна, без реален сообраќај и без економска исплатливост – симбол на амбиција, но и на стратешка изолација.