Скопските градоначалници се наоѓаат пред сериозна еколошка и организациска криза – петти ден по ред контејнерите во градот не се празнат, а улиците се преполни со отпад. Поради нефункционалноста на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, градоначалниците од Скопскиот регион најавија дека ќе бараат помош од други градови во Македонија за да го расчистат хаосот.
„Во изминативе неколку дена сите градоначалници од Скопскиот Регион, со поддршка од општествено одговорни компании, се обидуваме да го амортизираме хаосот што го зафати градот. Доколку има потреба, ќе побараме поддршка и од нашите колеги надвор од Скопје, со цел заеднички да придонесеме за расчистување на овој метеж,“ изјави Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС и кандидат за градоначалник на Скопје.
Градоначалниците апелираат и до раководството на депонијата „Дрисла“ да покаже разбирање и да не прави опструкции при влезот на механизацијата што ќе го транспортира отпадот кој се натрупува на улиците.
Во меѓувреме, Синдикатот за комунални дејности (СУТКОЗ) и ССМ соопштија дека отпадот не се собира бидејќи голем дел од камионите се расипани, а нема резервни делови за нивна поправка. Тие најавија кривични пријави и пријави до Државниот инспекторат за труд против раководството на претпријатието, обвинувајќи го за лошо управување и негрижа.
Директорот на „Комунална хигиена“, Сабахудин Рустеми, не се појави во јавност и не одговара на телефонските повици од медиумите, иако јавноста бара објаснување зошто градот е оставен преполн со отпад.
Поради сериозноста на ситуацијата, Основното јавно обвинителство Скопје издаде наредба до Министерството за внатрешни работи и други институции за итно влегување во претпријатието и спроведување на проверки околу тоа зошто не се извршува основната функција – собирање на ѓубрето.
Скопје во моментов се соочува со сериозен проблем кој бара итно решение, бидејќи ѓубрето се натрупува, а здравјето на граѓаните е се повеќе загрозено.
Не дознавај последен - читај ПРВ.мк