Во тек е голема полициска акција под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), во која учествуваат специјални единици на Министерството за внатрешни работи.
Како што дознаваат медиумите, полицијата од утрово врши претреси на повеќе локации низ Скопје, а акцијата се одвива координирано и под строги безбедносни мерки.
Според првичните информации, на мета на истрагата се лица осомничени за тешки кривични дела — лихварство и перење пари. Дел од осомничените се веќе приведени, а во тек е обезбедување на докази и материјали поврзани со незаконските активности.
Од Обвинителството за организиран криминал и корупција потврдија дека акцијата е во напредна фаза, но не откриваат детали сè додека не завршат претресите и не се утврдат сите факти.
Очекува се во текот на денот институциите да излезат со официјално соопштение и дополнителни информации за резултатите од оваа голема полициска операција, која според извори од истрагата, може да опфати повеќе лица и фирми поврзани со незаконско финансирање и финансиски злоупотреби.