Русија не се откажува од можниот историски состанок меѓу претседателите Владимир Путин и Доналд Трамп. Заменик-министерот за надворешни работи, Сергеј Рјабков, денеска изјави дека подготовките за самитот продолжуваат, иако Трамп синоќа најави дека средбата се одложува на неопределено време.
„Подготовките за самитот продолжуваат. Нема поголеми пречки за негово одржување, но тоа е сложен процес,“ изјави Рјабков, потврдувајќи дека Кремљ и понатаму работи на организација на средбата.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, исто така нагласи дека терминот на средбата сè уште не е утврден, додавајќи дека за вакви состаноци е потребна детална и внимателна подготовка.
Првичните планови предвидуваа самитот да се одржи во Будимпешта, Унгарија, по телефонскиот договор меѓу Путин и Трамп минатата недела. Сепак, американскиот претседател вчера изјави дека „не сака залудна средба“ со рускиот лидер, што внесе неизвесност во целиот процес.
Паралелно, и американскиот државен секретар Марко Рубио и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја откажаа средбата на која требаше да се финализира подготовката на самитот. Рјабков потврди дека сè уште нема договор меѓу двете дипломати околу нов датум.
И покрај тоа, унгарскиот премиер и министерот за надворешни работи потврдија дека Будимпешта останува подготвена да биде домаќин на претседателскиот самит доколку се донесе конечна одлука.
Темата на средбата, според најавите, требаше да биде можно решение за војната во Украина, но разговорите се закочија откако Москва го одби предлогот за итен прекин на огнот.
Трамп, од своја страна, изјави дека не сака безцелна средба, но навести дека „во следните два дена ќе има нови случувања“ и дека јавноста ќе биде навреме информирана.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски го оцени предлогот на Трамп за преговори врз основа на актуелната линија на фронтот како „добар компромис“, но додаде дека не е сигурен дали Путин ќе го прифати. „Му кажав на Трамп дека не верувам дека Путин би го поддржал тој план,“ изјави Зеленски.
Русија, сепак, останува цврста во својата намера – самитот Путин – Трамп сè уште е на маса, иако датумот и условите се неизвесни.
Не дознавај последен - читај ПРВ.мк