Американскиот технолошки гигант Meta отпушти неколку стотици вработени од својот оддел за вештачка интелигенција (ВИ), открива порталот Axios. Во исто време, компанијата активно вработува нови експерти за својата нова лабораторија наречена TBD Lab, која треба да стане центар на идните иновации во областа на суперинтелигенцијата.
Според извештајот, Meta одлучила да ја реструктуира својата ВИ дивизија поради прекумерна бирократија и забавен напредок во постојните проекти. Оваа реорганизација има за цел да создаде поагилен и поефикасен систем, со помал број луѓе и поголема индивидуална одговорност.
„Со намалување на големината на тимот, ќе бидат потребни помалку меѓусебни консултации пред да се донесе одлука, а секој член ќе има поголема одговорност, авторитет и влијание,“ напиша директорот за ВИ во Meta, Александар Ванг, во интерен меморандум.
Отпуштањата зафаќаат околу 600 работни места во лабораторијата за суперинтелигенција, вклучувајќи делови од истражувачката единица FAIR, како и тимови задолжени за развој на ВИ производи и инфраструктура. Новата TBD Lab, пак, засега останува недопрена и дури се проширува.
Вработените во САД ќе бидат известени до 7 часот наутро дали го изгубиле своето работно место. Компанијата ги охрабрува погодените да аплицираат за нови позиции во рамките на Meta, при што раководството очекува дека „најголемиот дел ќе најдат нов ангажман во компанијата“.
„Ова е многу талентирана група луѓе и ни се потребни нивните вештини во други делови од компанијата,“ додаде Ванг.
Во меѓувреме, Meta агресивно регрутира нови експерти за TBD Lab. Меѓу најновите ангажмани се Анања Кумар, поранешен истражувач од OpenAI, и Ендру Тулох, коосновач на стартапот Thinking Machines на Мира Мурати.
Извршниот директор Марк Закерберг наводно изразил загриженост уште пред месеци дека сегашните ВИ проекти не даваат доволно технолошки резултати. Токму тоа било клучен сигнал за започнување на големата реорганизација, создавањето на TBD Lab и инвестицијата од околу 15 милијарди евра во Scale AI.
„Навистина сум возбуден поради моделите што ги обучуваме, нашите планови за компјутерски ресурси и производите што ги развиваме. Уверен сум дека сме на вистинскиот пат кон градење системи за суперинтелигенција,“ нагласи Ванг во својот меморандум.
Не дознавај последен - читај ПРВ.мк