Хрватска подготвува целосно нов начин на наплата на патарините, со кој ќе исчезнат наплатните куќички и долгите колони на рампите. Наместо досегашниот систем со земање билет на влез и плаќање на излез, возачите ќе мора однапред да го регистрираат своето возило во новиот електронски систем.
Според новите правила, секое возило ќе мора да биде вклучено во системот пред да се приклучи на автопатот. За патничките автомобили ќе бидат достапни две опции – користење ETC-уред или автоматско препознавање на регистарските таблички.
Доколку возачот се одлучи за системот со препознавање на табличките, ќе треба однапред да го регистрира возилото и да ја поврзе регистарската табличка со важечки начин на плаќање. Камерите поставени на порталите над автопатите автоматски ќе го препознаваат возилото, ќе ја евидентираат изминатата делница и ќе ја пресметаат патарината без потреба од запирање.
За патничките автомобили и повеќето комбиња ќе може да се користат двата модели, додека за тешките товарни возила ETC-уредот ќе биде задолжителен.
Високи казни за оние што нема да се регистрираат
Новиот Закон за наплата на патарина предвидува строги санкции за возачите кои ќе го користат автопатот без претходна регистрација во системот. За физички лица се предвидени казни од 300 до 600 евра.
Истата казна ќе се применува и доколку регистарските таблички не се доволно читливи за камерите или ако возачот користи уред што го попречува функционирањето на ETC-системот или новата технологија за електронска наплата.
За занаетчии и лица кои вршат самостојна дејност, казните ќе се движат од 800 до 1.300 евра, додека правните лица би можеле да платат од 1.000 до 1.900 евра.
Што значи ова за туристите?
Новите правила ќе важат и за странските државјани и туристите кои ги користат хрватските автопати само повремено. За нив ќе биде овозможена едноставна регистрација на возилото преку интернет, мобилна апликација или на специјално определени продажни места.
Надлежните најавуваат дека деталните упатства за регистрација и користење на системот ќе бидат објавени пред неговото официјално пуштање во употреба.
Иако рампите ќе исчезнат, обврската за плаќање патарина останува. Камерите и антените ќе ги евидентираат сите возила што се движат по автопатите со нормална брзина и автоматски ќе проверуваат дали возилото има активен ETC-уред или регистрирана табличка поврзана со валиден начин на плаќање.
Новиот систем има за цел значително да го забрза сообраќајот и да ги намали метежите, особено во летната туристичка сезона. Сепак, возачите ќе мора да стекнат нова навика – наместо плаќање на излезот од автопатот, најважниот чекор ќе биде навремената регистрација пред да го започнат патувањето. Во спротивно, ризикуваат казни кои можат да бидат многукратно повисоки од цената на самата патарина.









