ПРВ.мк
Свет

(ВИДЕО) ДРАМА ВО ПОЗНАТИОТ ЗАБАВЕН ПАРК: Пожар избувна под ролеркостер – посетители во паника снимаа сцени од огнот!

(ВИДЕО) ДРАМА ВО ПОЗНАТИОТ ЗАБАВЕН ПАРК: Пожар избувна под ролеркостер – посетители во паника снимаа сцени од огнот!

Посетителите во еден од најпознатите забавни паркови во Италија вчера беа сведоци на драматични сцени, откако избувна пожар под еден од ролеркостерите во Гардаленд, место кое секоја година го посетуваат и голем број македонски туристи со своите семејства.

Гардаленд, кој се наоѓа во близина на Верона и често се споредува со Дизниленд поради бројот на атракции и тематски зони, беше погоден од пожар во попладневните часови. На социјалните мрежи веднаш почнаа да се шират снимки од моментите кога посетителите забележале густ чад и пламен во близина на ролеркостерот.

Инцидентот се случил околу 14 часот, во тематската зона „Wild West“, каде се наоѓа ролеркостерот Raptor. Според информациите од италијанските медиуми, се запалила дрвена конструкција која се наоѓала под шините на атракцијата, по што огнот брзо се проширил.

Посетителите кои се нашле во близина реагирале различно – дел од нив веднаш се оддалечиле од местото поради страв, додека други останале и ги снимале драматичните моменти со своите телефони.

За среќа, вработените во паркот брзо интервенирале, а набргу пристигнале и противпожарни екипи кои успеале да го стават пожарот под контрола и целосно да го изгаснат по околу еден час.

Од надлежните служби потврдено е дека нема повредени лица и дека ниту еден посетител не претрпел последици од инцидентот. И покрај пожарот, останатиот дел од забавниот парк продолжил да работи нормално, а посетителите можеле да ги користат другите атракции.

Причината за избувнувањето на огнот сè уште не е позната. Во тек е истрага која треба да покаже како дошло до палењето на дрвената конструкција и дали станува збор за технички проблем или друга причина.

Инцидентот предизвика големо внимание бидејќи Гардаленд е една од најпосетуваните туристички атракции во Италија, а во последните години станува сè попопуларна дестинација и за македонските семејства кои патуваат со деца.

ВИДЕО

Најнови вести