ПРВ.мк
Балкан

МЕСОТО ЗАВРШУВАЛО ВО РЕСТОРАНИ И ПРОДАВНИЦИ: Инспектори открија нелегален погон и запленија над шест тони сомнителни производи!

МЕСОТО ЗАВРШУВАЛО ВО РЕСТОРАНИ И ПРОДАВНИЦИ: Инспектори открија нелегален погон и запленија над шест тони сомнителни производи!

Голема акција на инспекциските служби во регионот Атика откри сериозен скандал со месни производи, при што биле запленети вкупно 6,2 тони производи од животинско потекло оценети како небезбедни за дистрибуција.

Инспекцијата започнала во објект за производство и преработка на месо во атинската населба Илион, каде инспекторите утврдиле дека фирмата која официјално била заведена во евиденциите повеќе не работела.

Наместо неа, во истите простории функционирала друга компанија која немала потребно одобрение за производство, преработка и дистрибуција на месни производи. Дополнително било утврдено дека таа компанија не се наоѓала ниту на списокот на одобрени објекти на грчката Агенција за контрола на храна EFET.

При контролата во ладилниците биле откриени и запленети 6.047 килограми месни производи. Инспекторите оцениле дека тие не смеат да бидат пуштени во промет бидејќи дел од нив немале законски пропишани етикети, а други носеле неважечки идентификациски кодови, што оневозможувало следење на нивното потекло и безбедност.

По првичните откритија, властите започнале итна и поширока истрага. Таа покажала дека спорните производи веќе биле испорачани до најмалку 20 прехранбени бизниси во различни делови на Атика.

Ова довело до координирани инспекции во шест регионални единици, во кои покрај службите на Регионот Атика учествувала и Агенцијата EFET.

Во дополнителните контроли биле запленети уште 151 килограм сомнителни производи, со што вкупната количина на конфискувано месо достигнала 6,2 тони.

Според грчките власти, извештаите за конфискација издадени од Дирекцијата за рурална економија и ветеринарни услуги на Западниот сектор веќе станале конечни и извршни. Истовремено биле формирани и тричлени комисии кои ќе одлучуваат за можните административни казни против одговорните субјекти.

Случајот предизвика сериозна загриженост во Грција, бидејќи се работи за голема количина месо со нејасно потекло и спорна документација, кое веќе било дистрибуирано до повеќе угостителски и прехранбени објекти. Надлежните продолжуваат со проверките за да утврдат дали дел од производите стигнале и до крајните потрошувачи.