Американската сојузна држава Флорида изврши две смртни казни во ист ден, нешто што не се случило повеќе од 60 години. Според американските медиуми, ова е првпат од 1964 година во оваа држава да бидат реализирани две егзекуции во еден ден.
Меѓу погубените бил и Доминик Окиконе, кој имал 80 години и станал најстарото лице егзекутирано во Флорида откако смртната казна повторно била воведена во 1970-тите години.
Окиконе бил осуден на смрт во 1987 година, откако бил прогласен за виновен за убиството на родителите на неговата поранешна девојка. Неговата егзекуција повторно ја отвори дебатата во јавноста за прашањето дали возраста и здравствената состојба треба да имаат влијание врз извршувањето на смртната казна.
Неговите адвокати во писмо наведоа дека тој во последните години имал сериозни проблеми со слухот и видот, како и ограничена физичка подвижност, поради што му била потребна помош од затворските службеници дури и при движење низ објектот.
Вториот егзекутиран бил 68-годишниот Џејмс Дакет, кој во 1988 година бил осуден за силување и убиство на 11-годишната Тереза Мекеби. Дакет до последен момент ја оспорувал пресудата, а според независниот Информативен центар за смртната казна, дополнителните ДНК анализи на доказите не дале доволно сигурни заклучоци.
Двете егзекуции биле извршени со смртоносна инјекција во затворот во Старк, Флорида.
И покрај критиките од дел од јавноста и организации за човекови права, властите на Флорида остануваат на ставот дека смртната казна има превентивна улога и дека нејзиното спроведување испраќа порака за сериозноста на најтешките кривични дела.
Во поново време, најстарото лице погубено во САД бил 83-годишниот Волтер Муди, кој беше егзекутиран во 2018 година.
Флорида во моментов е американската сојузна држава со најголем број извршени смртни казни. Во 2025 година, во САД биле погубени 47 лица, од кои 19 во Флорида, која е под раководство на републиканската администрација.
Одлуката за продолжување со егзекуциите и понатаму предизвикува поделени реакции – едни сметаат дека смртната казна е неопходна за најтешките злосторства, додека други предупредуваат на можноста за неправедни пресуди и прашања поврзани со човековите права.







