Руските власти издале меѓународна потерница за апсење на основачот на апликацијата „Телеграм“, Павел Дуров, обвинувајќи го дека преку платформата овозможувал активности поврзани со тероризам. Веста ја објави агенцијата „Интерфакс“, повикувајќи се на официјални информации, а ја пренесе и „Ројтерс“.
Според руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), од почетокот на војната во Украина преку „Телеграм“ биле извршени повеќе од 153.000 кривични дела. Од нив, околу 33.000 случаи, според тврдењата на руските власти, се поврзани со саботажи, терористички активности и екстремизам.
Во овие случаи, како што наведуваат, се вклучени организирање експлозии, подметнување пожари во воени објекти, како и убиства. Руските институции тврдат дека платформата била користена за координација на различни незаконски активности.
Државниот весник „Росијскаја газета“, повикувајќи се на материјали од ФСБ, објави дека безбедносните служби успеале да спречат 475 терористички напади кои, според нивните информации, биле планирани преку „Телеграм“. Во таа бројка, според истите извори, се вклучени и 61 наводно планиран напад врз училишта.
Руските власти дополнително тврдат дека и терористичкиот напад врз концертната сала „Крокус сити хол“ во март 2024 година бил координиран преку оваа апликација. Исто така, според Москва, платформата била користена за собирање информации за руски воени претставници, блогери и членовите на нивните семејства, вклучувајќи податоци за нивното движење и секојдневните навики.
Според руските регулатори, „Роскомнадзор“ во изминатите години испратил повеќе од 150.000 барања до „Телеграм“ за отстранување содржини кои ги смета за незаконски, но компанијата, според нивните наводи, не постапила по тие барања.
Русија уште во февруари официјално ја прогласи апликацијата „Телеграм“ за закана за националната безбедност.
Од друга страна, Павел Дуров претходно го обвини Кремљ дека намерно го ограничува пристапот до „Телеграм“ за да ги насочи граѓаните кон државната апликација за пораки „МАКС“ (MAX), која руските власти ја промовираат како домашна алтернатива на „Телеграм“ и „Ватсап“.
Во исто време, во повеќе руски градови беа пријавени прекини и забавување во работата на „Телеграм“. Според „Kyiv Post“, руските власти постепено ги насочуваат корисниците кон апликацијата „МАКС“, додека дел од руските воени блогери предупредуваат дека новата платформа е технички послаба и нуди пониско ниво на безбедност, бидејќи не располага со end-to-end енкрипција.







