Словенецот Мирослав Пачник, кој во декември минатата година ја отсекол главата од бронзениот споменик на Јосип Броз Тито во Велење, сега се соочува со сериозни правни последици. Против него е поднесено обвинение пред Окружниот суд во Целје, а доколку биде прогласен за виновен, може да добие затворска казна до пет години, како и висока парична казна.
Окружното државно обвинителство во Целје го товари за кривичното дело оштетување или уништување предмети од посебно културно значење или природни вредности, предвидено во член 219 од Кривичниот законик на Словенија.
Освен затворската казна, обвинителството бара Пачник да плати и најмалку 11.254 евра како надомест за причинетата штета.
Обвинетиот на својот профил на Фејсбук објави дека го примил обвинението, оценувајќи дека целата постапка е иронична. Во објавата повторно ги изнел своите ставови за поранешниот југословенски претседател Јосип Броз Тито, тврдејќи дека тој ја задушувал словенечката култура и бил одговорен за смртта на голем број словенечки културни дејци.
Инцидентот се случил во декември минатата година, кога Пачник ја отсекол бронзената глава од шестметарскиот споменик на Тито во Велење. Набргу по вандалскиот чин, полицијата успеала да го идентификува благодарение на пријава од граѓанин кој бил сведок на настанот.
При претресот на неговиот автомобил, полицијата ја пронашла отсечената глава од споменикот во багажникот, што дополнително станало клучен доказ во истрагата.
Во меѓувреме, и Градот Велење поднесе кривична пријава против Пачник, барајќи надомест на штетата од нешто повеќе од 11.200 евра, колку што се проценува дека ќе чини санацијата на оштетениот споменик.
Судската постапка треба да утврди дали обвинетиот ќе биде прогласен за виновен и каква казна ќе му биде изречена за оштетувањето на културното наследство.









