Во грчкото село Вориција, на островот Крит, вчера избувна вистинска војна меѓу две семејства, при што загинаа најмалку две лица, а над 15 се ранети, според првичните информации од грчките медиуми.
Сѐ започнало кога членови на едно семејство упаднале во имотот на друго, по што избила жестока вооружена пресметка во која биле испукани повеќе од 2.000 куршуми, меѓу кои и од автоматско оружје и пушки сачмарки.
Според првите извештаи, меѓу жртвите се 57-годишна жена и 39-годишен маж, а полицијата истражува информации дека можеби има и трето убиено лице. Неколкумина се борат за живот, а точниот број на повредени сѐ уште не е утврден.
Причината за судирот сѐ уште не е позната, но се сомнева дека долгогодишен семеен конфликт е во основата на инцидентот. Конфликтот избувнал само неколку часа откако била минирана семејна куќа во изградба, што дополнително ја потпалило тензијата меѓу двете страни.
Иако некои извештаи наведуваат дека жената починала од срцев удар предизвикан од стрес, други тврдат дека таа прво била ранета со огнено оружје.
Жителите на селото, исплашени од рафалните истрели, се заклучиле во своите домови, додека други успеале да избегаат. Околу пладне, специјални полициски сили влегле во селото и ја запреле престрелката, спречувајќи уште поголемо крвопролевање.
Сепак, според очевидци, пукањето продолжило во околните предели и по интервенцијата на полицијата. Засилени полициски единици се упатиле кон местото, каде што во тек се претреси по куќите и апсења на осомничени.
Овој инцидент ја потресе Грција, особено затоа што доаѓа само неколку недели по друг случај на крвна одмазда на Крит, кога 23-годишен маж застрелал и убил 52-годишен човек за време на локален фестивал. На островот, според грчките медиуми, нелегалното оружје и старите семејни омрази се уште се дел од суровата реалност.
















