Во доцните часови на плоштадот ЗАВНОБИХ во сараевската општина Нови Град, околу 23:15 часот, силна експлозија ја вознемири населбата Алипашино Поље. Според информациите на порталот Ослобоѓење, се работи за непозната експлозивна направа, а полицијата веднаш го блокирала целиот плоштад.
Министерството за внатрешни работи на Сараевскиот кантон потврди дека дежурниот обвинител го класифицирал настанот како кривично дело – предизвикување општа опасност и оштетување туѓ имот. Форензичките тимови во текот на ноќта собираа траги и докази, додека околината беше обезбедена со полициска лента.
Според првичните податоци, оштетени се неколку паркирани возила пред едно казино. Засега нема информации за повредени, а истрагата продолжува со цел откривање на сторителот и мотивите зад експлозијата.
















