Во Кичево победи кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Јовановски, изјави вечерва потпретседталто на партијата Тимчо Муцунски.
Инаку, вечерва во Кичево е раздвижено, по затворањето на гласачките места на кои се гласаше за градоначалник, а на кои противкандидати беа досегашниот градоначалник Фатмир Дехари, кандидат на Националната алијанса за интеграција, НАИ, и Александар Јовановски, кандидат на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Токму Кичево во периодот меѓу двата круга на локалните избори беше тест проба за владината коалиција, откако кандидатот на ВЛЕН за градоначалник на Тетово, Билал Касами, повика на етничко гласање, но по „укорот“ од премиерот Христијан Мицкоски, ја смени „плочата“ велејќи дека бил изваден од контекст.
Инаку, според последните достапни податоци на ДИК, кои можат да се видат на нивната официјална интернет страница, во 20:24 часот, предност има Јовановски, со 56,07%отсто од гласовите, додека Дехари, засега има 40,75 отсто од гласовите.
Во Општина Кичево има вкупно 51.016 избирачи во избирачкиот список, а гласале 26.169, односно излезноста била 51,34 отсто според податоците до 18,30 часот.
















