На плоштадот „Скендербег“ во Тирана, во организација на Коалицијата „За семејство и живот“, се одржа протест против законот за родова еднаквост, со барање претседателот Бајрам Бегај да не ја потпишува уредбата. Организаторите истакнаа дека законот „ги нарушува вредностите и традиционалната структура на албанското семејство“.
Според нив, новата регулатива воведува концепти кои не се во согласност со албанската култура и традиција, повикувајќи на поширока јавна дебата. Теологот Сокол Кондакчиу го оцени законот како „антихуман проект“, тврдејќи дека го отстранува родот од неговиот природен контекст и ја загрозува институцијата на бракот и традиционалните вредности.
На протестот присуствуваа голем број граѓани од различни делови на земјата, вклучително и деца облечени во народни носии, што според родителите симболизира заштита на албанскиот идентитет. Учесниците носеа транспаренти со пораки како „Убијци на традицијата = Предавници на нацијата“, изразувајќи загриженост за влијанието на законот врз младите генерации.
Протестот помина без инциденти, а организаторите најавија дека граѓанските иницијативи за спротивставување на законот ќе продолжат и во наредните денови.
Законот за родова еднаквост беше усвоен од албанскиот парламент на 6 ноември, со 77 гласа „за“ (од владејачкото мнозинство) и 36 „против“ (од опозицијата). Против законот претходно се изјаснија и поглаварите на верските заедници во земјата, како и дел од невладиниот сектор.
















