Четири лица се уапсени во Хрватска под сомнение дека се поврзани со предизвикување пожари на подрачјето на Задарската жупанија, соопшти задарската полиција.
Четворицата биле приведени синоќа на поширокото подрачје на Бенковац, откако граѓани пријавиле сомнително возило и сомнително однесување. Полицијата спроведува криминалистичка истрага за да утврди дали уапсените се поврзани со пожарите што изминатиот период избувнаа во задарскиот регион.
Поголемите пожари во жупанијата се ставени под контрола, но пожарникарите и натаму остануваат на терен. Рабовите на опожарените подрачја се натопуваат со вода за да се спречи повторно разгорување на огнот.
Според командантот на Противпожарната заедница на Задарската жупанија, Матеј Рудиќ, се дежура на пожариштата во Нински Станови и Жерава, на подрачјето на Галовац и Пркос, како и на Дуги Оток.
Дуги Оток останува најголемото жариште
Најголем проблем во моментов претставува пожарот на Дуги Оток, каде што пожарникарите мора постојано да ги натопуваат рабните делови на опожареното подрачје за да спречат повторно активирање на огнот.
Во текот на вчерашниот ден и изминатата ноќ, пожарникарите интервенирале и на повеќе локации во околината на Бенковац.
Пожари избувнале во Биљани, Лишани Тињски, Запужане, Заград и Добропољци, како и во Биоград на Торови и во Привлака. Благодарение на брзите интервенции, сите биле ставени под контрола за релативно кратко време.
За предизвикување пожар од небрежност во Хрватска се предвидени парични казни, додека за намерно предизвикување пожар може да следува и затворска казна. Доколку со пожарот се загрозат човечки животи или се предизвика голема материјална штета, казните можат да бидат значително построги.
Четворица повредени во пожарот кај Омиш и натаму во животна опасност
Во меѓувреме, сериозна останува и состојбата на четворицата пациенти кои тешко настрадаа во пожарот кај Омиш во ноќта меѓу 13 и 14 август.
Од Клиничко-болничкиот центар во Сплит соопштија дека пациентите и натаму се на одделот за интензивно лекување и се во животна опасност.
„Нивната состојба е непроменета“, изјави за Хина портпаролката на сплитскиот КБЦ, Кристина Битанга.
Уште седум лица повредени во пожарот се лекуваат во сплитската болница, но тие се надвор од животна опасност и се згрижени на различни болнички оддели.
Четворицата најтешко повредени, кои првично биле примени во КБЦ Сплит, претходно биле префрлени на понатамошно лекување во Загреб.








