ПРВ.мк
Балкан

Се урна таван во популарен трговски центар, има повредена жена

Се урна таван во популарен трговски центар, има повредена жена
Kristal

Вознемирувачки инцидент се случил вчера во трговскиот центар „Космос“ во Солун, едно од најпосетуваните шопинг-места меѓу Македонците. Дел од таванската конструкција на првиот кат, во зоната каде што се наоѓаат рестораните, ненадејно се урнал додека во објектот имало голем број посетители.

Во несреќата е повредена 45-годишна жена која се здобила со повреди на главата и вратот. Според грчките медиуми, таа била свесна во моментот кога пристигнала брзата помош и веднаш била пренесена во болницата „Папаниколау“, каде ѝ била укажана медицинска помош.

На видеоснимките што се појавија на социјалните мрежи, направени само неколку моменти по инцидентот, може да се види урнатата конструкција на подот, како и посетители и вработени кои ѝ помагаат на повредената жена додека чекаат пристигнување на службите за итна помош.

Инцидентот предизвикал вознемиреност кај присутните, а дел од посетителите привремено биле евакуирани од тој дел на трговскиот центар. Надлежните служби веднаш излегле на терен и започнале истрага за причините за уривањето на таванот.

Трговскиот центар „Космос“ важи за омилена дестинација за шопинг и излегување, особено за граѓани од Македонија кои често го посетуваат Солун, што дополнително ја зголеми вниманието на јавноста кон овој настан. Надлежните најавуваат дополнителни проверки на безбедноста во објектот.

FixCredit
Escape