Претседателката на Народното собрание, Ана Брнабиќ, денеска на прес-конференција остро предупреди дека Србија е цел на сериозен обид за „Шарена револуција“, со јасна цел – насилна промена на власта и дестабилизација на државата.
„Благодарение на истражувачкото новинарство, јавноста можеше да види нон-пејпер што Душан Јањиќ, во име на ад хок тим за безбедност и стабилизација, го испратил до странски фактори како предлог за решение на кризата во Србија. По вчерашните настани е апсолутно јасно дека последните девет месеци претставуваат класичен пример за обид за Шарена револуција“, изјави Брнабиќ.
Таа посочи дека целта на организаторите е да создадат длабоки поделби во општеството преку ширење омраза, лаги и манипулации. Како доказ наведе повеќе инциденти, меѓу кои и палењето на просториите на Српската напредна партија во Белград, кога – како што рече – за малку била избегната трагедија благодарение на реакцијата на безбедносните служби и припадниците на единицата „Кобра“.
„Партиските простории се уриваат и палат со луѓе внатре. Со чиста среќа и брза реакција избегнавме невидена катастрофа. Но, тоа не е крајот – потоа следуваа напади врз други партиски простории и врз државни институции. Ова не е насилство заради насилство, ова е втора фаза на Шарената револуција – создавање на хаос и слика на целосна дестабилизација“, додаде Брнабиќ.
Според неа, третата фаза од ова сценарио е уште поопасна – наметнување на „решение“ однадвор, со образложение дека само странскиот фактор може да го врати мирот и стабилноста.
„Ова води кон целосна окупација на земјата и губење на суверенитетот. Се поставува прашањето – кој го назначил тој тим што стои зад нон-пејперот и кој навистина управува со овој процес?“, праша Брнабиќ, нагласувајќи дека Србија мора да остане цврста и да не дозволи вакви сценарија да се реализираат.