ПРВ.мк
Балкан

АКО ТРГНУВАТЕ СО АВТОМОБИЛ КОН ГРЦИЈА – БИДЕТЕ НА ШТРЕК: Полицијата воведе „ново оружје“ за откривање сообраќајни прекршоци!

АКО ТРГНУВАТЕ СО АВТОМОБИЛ КОН ГРЦИЈА – БИДЕТЕ НА ШТРЕК: Полицијата воведе „ново оружје“ за откривање сообраќајни прекршоци!

Возачите кои ова лето ќе патуваат низ Грција треба да бидат особено внимателни и строго да ги почитуваат сообраќајните правила, бидејќи грчката полиција значително го засили надзорот со употреба на необележани службени возила опремени со најсовремена технологија за откривање и документирање на прекршоци.

Следејќи го примерот на многу европски земји, грчките власти сè почесто користат возила без полициски ознаки, кои на прв поглед изгледаат како сосема обични автомобили. На тој начин, полицијата полесно ги открива возачите кои ги прекршуваат правилата во моменти кога мислат дека нема контрола на патот.

Целта на ваквиот систем не е само превентивно присуство на полицијата, туку следење на вистинското однесување на возачите во реални услови. Со тоа, надлежните полесно ги идентификуваат оние кои претставуваат ризик за безбедноста во сообраќајот.

Со необележаните возила ќе се откриваат возачи кои возат со брзина над дозволената, опасно претекнуваат, користат мобилен телефон додека управуваат со возилото, како и лица кои учествуваат во нелегални улични трки. Во многу случаи, возачите нема ни да бидат свесни дека се под полициски надзор.

Ова не е нова практика во Грција. Сообраќајната полиција веќе подолг период користи вакви возила на автопатите и на критичните делници каде што најчесто се регистрираат прекршоци и сообраќајни несреќи.

На островот Крит, на пример, изминатите години за контрола биле користени моќни SUV-модели, како и други обични патнички автомобили, особено на Северната магистрала. Контролите најмногу биле насочени кон пречекорување на брзината, опасни маневри и нелегални трки.

Необележаните полициски возила се опремени со камери со висока резолуција, системи за видеоснимање и современа пренослива опрема што овозможува прекршоците веднаш да бидат евидентирани и документирани.

Според најавите, во наредниот период на грчките патишта ќе има уште повеќе вакви возила. Засилените контроли се дел од националната стратегија за намалување на бројот на сообраќајни несреќи и жртви, како и за поефикасен надзор на патната инфраструктура.

Во голем број европски држави веќе се користат и системи за автоматско препознавање на регистарски таблички (ANPR), кои во реално време можат да откријат неосигурени возила, украдени автомобили или возила по кои се трага. Ваков модел е широко распространет во Германија, Франција, Италија, Шпанија и Велика Британија, каде што секој обичен хечбек, караван или SUV потенцијално може да биде полициско возило.

Сличен пристап се применува и во Соединетите Американски Држави, каде различни полициски служби користат разновидни возила – од пикапи до спортски и електрични автомобили – за контрола на сообраќајот.

Грција постепено го проширува овој концепт како дел од пошироката модернизација на полициските служби. Покрај необележаните возила, се воведуваат нови електронски системи за надзор, се проширува мрежата на сообраќајни камери и се дигитализираат полициските процедури, со цел контролите да бидат побрзи, попрецизни и поефикасни. За сите кои планираат патување кон грчките туристички дестинации, пораката е јасна – почитувањето на сообраќајните правила е најдобрата заштита од високи казни и непријатности на патот.