Најмалку 14 лица загинаа, а пет се повредени во Перу откако комбето со кое се превезувале слетало во пропаст на северот од земјата, соопштија денеска локалните власти.
„Смртно настрадаа 14 лица, додека пет се повредени при пад на комбето во бездна“, изјави Рикардо Чилон, претставник на градските власти во Сан Хуан (800 километри северно од Лима), пренесува француски „Фигаро“.
Како што додаде тој, во несреќата која се случила во четвртокот, загинал и возачот, како и едно дете. Во комбето во моментот на несреќата се наоѓале вкупно 19 лица, а истрагата за причините за падот е во тек.
Чести несреќи во Перу
Сообраќајните несреќи се исклучително чести во Перу, главно поради:
- Лошата состојба на патната инфраструктура
- Недоволните контроли од страна на надлежните служби
- Пребрзото возење и неприлагодувањето на условите на патот
Минатата година на патиштата во оваа земја биле регистрирани повеќе од 3.000 смртни случаи, покажуваат официјалните податоци кои ги пренесува францускиот весник.








