Итен безбедносен собир е одржан во Бугарија откако во саботата, точно во 08:10 часот по локално време, непознат дрон навлезе во бугарскиот воздушен простор од правец на Романија и експлодира. Премиерот Румен Радев изјави дека во инцидентот нема повредени лица ниту пак материјална штета, а пошироката област е веднаш обезбедена од надлежните служби.
Експлозијата се случила длабоко околу 100 метри во внатрешноста на бугарската територија, во непосредна близина на чувствителна енергетска инфраструктура. Поточно, локацијата е на само 200 метри од романска компресорска станица, блиску до поранешниот граничен премин Кардам, и на околу еден километар од бугарската компресорска станица на Трансбалканскиот гасовод.
Според информациите од бугарскиот премиер, летечкиот објект претходно не бил детектиран ниту од романските ниту од бугарските радари. Присуството на дронот најпрво било регистрирано преку звук од романската гранична полиција, а потоа бугарска патрола кај Генерал Тошево слушнала силна експлозија. На терен се распоредени екипи од полицијата и Министерството за одбрана кои работат на расчистување на случајот и утврдување на типот на дронот.









