Поранешниот српски претседател Александар Вучиќ повторно се огласи по изборниот пораз, овојпат преку подолга видеопорака објавена на неговиот профил на ТикТок, во која упати остри критики кон политичките противници.
Вучиќ ги коментираше случувањата во Србија во изминатите три дена, оценувајќи ги како „вистински револуционерен терор“.
„Сите оние кои никогаш не би биле ништо во животот и кои си замислиле дека се многу важни, одлучија да се изживуваат врз чесни и нормални луѓе“, изјави Вучиќ.
Тој ги спомена упадите во телевизија, во претпријатието „Србијаводе“, како и инцидент на прослава на која, според неговите тврдења, бил спречен свештеник да одржи молитва.
„Во 2000 година дојдоа најлошите, сега дојдоа уште полоши“
Вучиќ направи споредба со политичките промени во Србија во 2000 година, кога беше соборен режимот на Слободан Милошевиќ.
Според него, тогаш на власт дошле „најлошите“, додека за сегашните политички противници тврди дека се уште полоши.
Во видеото тој посебно се осврна на Јово Бакиќ од Студентската листа, кого го нарече лажго.
Соработниците почнале да се дистанцираат
Вучиќ призна дека забележува оти дел од неговите долгогодишни соработници постепено се оддалечуваат од него по изборниот пораз.
Сепак, со пораката дека ќе продолжи да се бори „додека дише, без разлика од која позиција“, јасно стави до знаење дека нема намера да се повлече од политичкиот живот.
Неговото обраќање доаѓа во период на големи политички промени во Србија, по изборната победа на Студентската листа.
Видео:










