ПРВ.мк
Балкан

АЛАРМ НА БАЛКАНОТ: Опасен вирус повторно се шири – експертите со итен апел

АЛАРМ НА БАЛКАНОТ: Опасен вирус повторно се шири – експертите со итен апел

Здравствените власти предупредуваат на значителен пораст на случаите на морбили во Европа, при што неколку балкански и западноевропски земји бележат сериозно зголемување на бројот на заразени.

Според податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), најмногу случаи од почетокот на годината се регистрирани во Романија, Бугарија, Италија, Шпанија, Франција и Германија.

Особено загрижува состојбата во Бугарија, каде што бројот на заболени нагло се зголемил во последните месеци. Според бугарските здравствени власти, досега се потврдени 446 случаи, а најголем дел од заразените се деца.

Зголемување на бројот на заболени е забележано и во Италија, Шпанија, Франција и Германија, што ги натера здравствените институции повторно да апелираат за проверка на вакциналниот статус, особено кај лицата кои планираат патување во текот на летото.

Морбилите се една од најзаразните вирусни болести. Симптомите најчесто започнуваат со висока температура, кашлица, течење на носот и осип, но кај одредени пациенти можат да се развијат и сериозни компликации, како воспаление на белите дробови, воспаление на мозокот и други тешки инфекции.

Од ECDC потсетуваат дека две дози од МРП (MMR) вакцината обезбедуваат многу високо ниво на заштита, а за да се спречи ширење на вирусот потребно е најмалку 95 проценти од населението да биде вакцинирано.

Здравствените експерти советуваат граѓаните, особено родителите, навреме да го проверат вакциналниот статус пред летните патувања и да се консултираат со лекар доколку имаат сомнеж дека не се целосно заштитени.