Србија е потресена од драматичен скандал откако началникот на Полициската управа на Белград, Веселин Милиќ, беше уапсен под сомнение дека учествувал во прикривање на тешко кривично дело поврзано со мистериозното исчезнување на Александар Нешовиќ – Баја, човек познат во белградското подземје.
Според српските медиуми и извори од истрагата, Милиќ наводно организирал средба на 12 мај во ресторан во елитната белградска населба Сењак меѓу Нешовиќ и Саша Вуковиќ – Боске, со цел да се смират претходно нарушените односи меѓу двајцата.
Но, наместо помирување, средбата прераснала во смртоносен конфликт. Според наводите, по жестока вербална расправија, Вуковиќ извадил пиштол и испукал неколку куршуми кон Нешовиќ, убивајќи го на лице место, и тоа пред самиот Милиќ.
Најтешките обвинувања се дека припадници на полициското обезбедување на Милиќ, исто така полицајци, му помогнале на осомничениот убиец да го отстрани телото од ресторанот, по што било однесено во близина на автопатот кај Шимановци, каде што наводно било запалено за да се уништат доказите.
Според истите извори, Милиќ и уште еден полицаец останале во ресторанот за да ги отстранат трагите од злосторството и снимките од безбедносните камери.
Исчезнувањето на Нешовиќ го пријавила неговата сопруга, откако тој не се вратил од средбата.
Иако дел од медиумите објавија дека телото било пронајдено, српскиот претседател Александар Вучиќ денеска јавно демантираше дека има официјална потврда за тоа.
Случајот предизвика огромен потрес во српската јавност, бидејќи обвинувањата директно допираат до врвот на полициската структура и отвораат сериозни прашања за можна поврзаност меѓу безбедносните институции и организираниот криминал.








