Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во интервју за „Косово онлајн“ по повод 13-годишнината од Бриселски договор, изјави дека договорот во 2013 година бил „најмалку лошото решение“ во тогашните исклучително тешки околности.
Тој призна дека во тој период верувал дека може да се постигне вистински мир и стабилност со Албанците, но нагласи дека реалноста со текот на времето ги демантирала тие очекувања.
Според Вучиќ, најголемиот неуспех е тоа што клучните обврски од договорот – особено формирањето на Заедницата на српски општини – и понатаму не се реализирани. Во таа насока, тој упати критики кон Европска Унија како гарант на договорот, оценувајќи дека изминатите 13 години се „години на лаги“.
Српскиот претседател изрази сомнеж дека Приштина некогаш ќе ја формира Заедницата во изворната форма, предупредувајќи дека наместо тоа може да следуваат нови притисоци за прифаќање компромисни решенија во рамките на косовскиот систем.
Тој повтори дека Србија, и покрај политичките и економските притисоци, нема да ја признае еднострано прогласената независност на Косово.










