Европската Унија забрзано работи на создавање посилна сопствена платежна инфраструктура и постепено намалување на зависноста од странски платежни системи. Во центарот на плановите е дигиталното евро, кое според замислата треба да ги надополнува готовината и постојните банкарски услуги, а не да ги укине.
Во моментов се водат завршните разговори меѓу Европскиот парламент и земјите членки за правилата и начинот на кој би функционирало дигиталното евро.
Според актуелните планови, пилот-проектот би започнал во 2027 година, со учество на 36 даватели на платежни услуги. Доколку временската рамка биде реализирана, дигиталното евро би можело да стане достапно за пошироки плаќања на мало од 2029 година.
Но, паралелно со јавниот проект, и европскиот приватен сектор се обидува да изгради посилна платежна мрежа.
Европскиот платежен сојуз EuroPA и Европската платежна иницијатива EPI потпишале договор со кој треба да ги поврзат своите системи за инстант плаќања.
Со поврзувањето потенцијално би се создала платежна платформа достапна за околу 380 милиони корисници во 15 земји членки на ЕУ.
EuroPA обединува повеќе национални платежни системи, меѓу кои шпанско-андорскиот „Бизум“, италијанскиот „Банкомат“, полскиот „Блик“ и нордискиот „Випс мобиле пеј“.
Од друга страна, EPI го развива европскиот платежен бренд „Веро“, кој веќе е присутен на пазари како Германија, Белгија, Франција, Холандија и Луксембург.
Амбицијата на Брисел е постепено да се изгради поинтегрирана европска платежна инфраструктура, со поголема автономија, поширока употреба на инстант плаќањата и развој на дигитални начини на плаќање.
Ако плановите се реализираат според предвидената динамика, 2029 година може да биде пресвртна за начинот на кој граѓаните во ЕУ ќе плаќаат, со дигиталното евро како нова опција покрај готовината и постојните банкарски услуги.









