Во Здравствениот центар во Бор, Србија, на 14 август околу 4 часот наутро се случил физички напад врз две медицински сестри кои биле на дежурство во Службата за интерна медицина, односно на одделението за интензивна нега.
Според информациите од здравствената установа, пациентот Ј. Ж., кој бил хоспитализиран на интензивна нега, физички ги нападнал двете медицински сестри додека тие биле на работното место.
На нападнатите медицински работнички веднаш им била укажана медицинска помош, а за случајот биле известени Полицијата во Бор и останатите надлежни институции.
Од Здравствениот центар најостро го осудуваат секој облик на насилство врз здравствените работници и порачуваат дека лицата кои секојдневно се грижат за здравјето и животите на пациентите мора да имаат безбедни услови за работа.
Од установата додаваат дека ќе ги преземат сите мерки што им стојат на располагање за да ги заштитат своите вработени од физички напади, закани и други форми на насилство.






