Српскиот министер за образование, Дејан Вук Станковиќ, најави дека се разгледува можноста за скратување на часовите во училиштата од 45 на 30 минути. Тој објасни дека кај учениците се јавува феномен на „дифузно внимание“, поради што тешко можат да се концентрираат на настава со полно времетраење.
„Концентрацијата на децата на часовите е проблем кој се јавува подолго време, а новите технологии го влошуваат тоа. Учениците многу лесно преминуваат од една содржина на друга, па не можат да останат фокусирани 45 минути, што е и максималното време на концентрација кај возрасните“, изјави Станковиќ за РТС.
Министерот додаде дека се разгледува и можноста за делумна или целосна забрана на мобилните телефони во училиштата, како дел од мерките за подобрување на вниманието и учењето на учениците.

















