Македонската ракометна репрезентација денес попладне од 18:00 часот го игра својот втор натпревар на Европското првенство, откако на стартот беше поразена од фаворитот Данска. Противник ќе ни биде Португалија, која во првото коло ја победи Романија и се смета за фаворит на дуелот.
Португалија има силни резултати на претходните европски првенства, со најдобар пласман во 2020 година кога заврши на шестото место, а на последното првенство беше седма. Македонија, пак, го постигна својот најдобар резултат во 2012 година, кога го освои петтото место.
Селекцијата на Кирил Лазаров се обидува да го поправи впечатокот од првиот натпревар. „Ќе се потрудиме да одиграме подобро и да им го расипеме планот на Португалија за медал“, изјави селекторот.
Двете репрезентации имаат одиграно десет меѓусебни натпревари, сите во квалификации за Европско првенство, но ова ќе биде нивен прв дуел на големо натпреварување. Последните два натпревари, одиграни во март 2023, ги доби Португалија, но Македонија има триумфи во минатото кои значеа пласман на големи натпреварувања.
Со победа против Португалија, шансите за пласман во следната рунда ќе се зголемат, но ќе биде потребно да се совлада и Романија во последното коло од групата. Натпреварот во Хернинг започнува во 18 часот, а македонските навивачи се очекува да бидат силна поддршка за националниот тим.

















