Еден од ракометарите што остави силен впечаток во дуелот со Данска е пикерот Марко Стојковиќ. Иако Македонија беше поразена со 36:24, 22-годишниот ракометар одигра борбено, без калкулации, и успеа да се запише меѓу стрелците со еден погодок.
Стојковиќ по натпреварот истакна дека настапот пред преполна сала со околу 15.000 гледачи е посебно искуство, а убедливиот пораз не го поколебал оптимизмот во македонскиот табор.
„Треба да бидеме реални – Данска е актуелен светски и олимписки шампион. Ние дадовме сè од себе, но тие се поквалитетна селекција. Сепак, Европското првенство допрва почнува за нас. Следува натпреварот со Португалија и целиот фокус ни е насочен таму. Чувството да се игра пред полна сала е неверојатно и секој што доби шанса на теренот се бореше до крај. Ако сакаме пласман во следната фаза, мора да одиграме на 200 отсто против Португалија и Романија“, изјави Стојковиќ.
Македонската репрезентација следниот предизвик го има в недела од 18 часот против Португалија, додека дуелот со Романија е закажан за 21 јануари, натпревар што може да биде клучен за пласман во следната рунда.

















