ПРВ.мк
Топ Вести

ТРАМП НАЈАВУВА „AI FORCE“ И „AI CARA“ - Ова треба да го поседуваат за да може да се пријават!

ТРАМП НАЈАВУВА „AI FORCE“ И „AI CARA“ - Ова треба да го поседуваат за да може да се пријават!

Американскиот претседател Доналд Трамп најави формирање нова организација наречена „AI Force“, која би била создадена по примерот на американските Вселенски сили („Space Force“), како и назначување посебен функционер задолжен за областа на вештачката интелигенција, кого го нарече „AI цар“.

Трамп во објава на својата социјална мрежа Truth Social оцени дека развојот на вештачката интелигенција се соочува со обиди да биде ограничен или забавен. Тој порача дека неговата администрација нема да дозволи, како што наведе, „задушување“ на развојот на оваа индустрија.

„На никаков начин нема да го попречуваме или задушуваме растот на оваа неверојатна индустрија. Напротив, ќе ја чуваме, ќе ѝ помагаме и ќе ја надгледуваме додека расте“, напиша Трамп.

Американскиот претседател истовремено наведе дека властите ќе се обидуваат да спречат злоупотреби на вештачката интелигенција. Според него, против таквите активности може да се дејствува преку веќе постојниот систем на кривичното и граѓанското право.

„Сепак, исто така ќе го бараме она што е лошо, а тоа можеме многу лесно да го направиме со помош на нашиот веќе постоечки систем на кривично и граѓанско право“, наведе тој.

Трамп најави дека токму во таа насока ќе биде формирана „AI Force“, по примерот на „Space Force“, која ја опиша како големо достигнување од неговиот прв претседателски мандат.

Тој најави и дека Вашингтон наскоро ќе го соопшти името на функционерот кој ќе ја преземе одговорноста за оваа област.

„Во блиска иднина ќе назначам AI ‘цар’ – само лица со висок коефициент на интелигенција треба да се пријават“, порача Трамп.

Развојот на вештачката интелигенција тој го спореди со претходните големи технолошки пресврти, оценувајќи дека нејзиното влијание во иднина би можело да биде уште поголемо.

Трамп исто така наведе дека вештачката интелигенција во иднина би можела да учествува со „дури 25 проценти“ во бруто домашниот производ на Соединетите Американски Држави.

„Ние ја предводиме Кина и остатокот од светот и имам намера така и да остане“, напиша американскиот претседател.

Во истата објава Трамп ги обвини демократите дека со години покренувале различни, како што ги нарече, „измами“ со цел да им нанесат штета на Соединетите Американски Држави.

Како примери ги наведе истрагите поврзани со Русија и Украина, глобалното затоплување, постапките за негов импичмент, како и прашањата поврзани со трансродовите лица и нивното учество во спортот.

Трамп се осврна и на обидите за ограничување на изградбата и развојот на центри за податоци. Според неговата оценка, голем дел од тие обиди не успеале откако локалните заедници ги согледале економските придобивки од нивното присуство, меѓу кои ги наведе повисоките плати, пониските даноци и побезбедните улици.