ПРВ.мк
Топ Вести

ДОБРИ ВЕСТИ ЗА СКОПЈАНИ: Жичарата на Водно повторно во функција - еве од кога!

ДОБРИ ВЕСТИ ЗА СКОПЈАНИ: Жичарата на Водно повторно во функција - еве од кога!

Жичарата на Водно, една од најпознатите скопски атракции, ќе биде целосно реконструирана и безбедносно ревитализирана откако стручната контрола утврдила сериозни недостатоци во дел од системот.

По преземањето на функцијата, Градот Скопје побарал целосна експертиза од австриската компанија „Допелмајр“ (Doppelmayr), која е оригиналниот изведувач на жичарницата. Според наодите од контролата, биле констатирани проблеми кај неколку клучни компоненти од системот.

При стручниот преглед било утврдено оштетување на носечките и влечните сајли, а од четирите безбедносни сензори задолжени за следење на движењето на кабините, три не биле исправни.

Поради состојбата на системот, жичарата е ставена вон функција сè додека не се извршат сите потребни интервенции и не се потврди дека повторно може безбедно да се користи.

Реконструкцијата е договорена со „Допелмајр“, која ќе го спроведе процесот, а во наредниот период треба да бидат испорачани оригинални резервни делови и да биде ангажиран стручен тим за работа на терен.

Планот не опфаќа само замена и санација на оштетените компоненти. Предвидена е и дополнителна обука на вработените во јавното претпријатие кои се задолжени за сервисирање и одржување на системот.

Дополнително, треба да биде воспоставен протокол за задолжителен генерален преглед и ремонт еднаш годишно, како и систематска замена на виталните компоненти според потребниот рок и степенот на нивната употреба.

Од Градот посочуваат дека жичарата на Водно функционира во текот на целата година, за разлика од жичарниците на дел од ски-центрите кои се користат сезонски, поради што е потребно континуирано и систематско одржување.

По завршувањето на реконструкцијата ќе следува серија детални тестирања на целиот систем. Жичарата нема да биде пуштена во редовна употреба сè додека не ги помине предвидените проверки и не биде издаден официјален сертификат со кој ќе се потврди нејзината безбедност.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најавил дека по завршувањето на реконструкцијата лично ќе се вози на првото тестирање, заедно со директорот на ЈСП и своите деца.

Крајниот рок за завршување на реконструкцијата е поставен до крајот на ноември. Доколку сите технички проверки и сертификациски процедури бидат успешно завршени, жичарата би можела повторно да биде достапна за граѓаните и туристите во претстојната зимска сезона.

И по повторното пуштање, работењето ќе зависи од временските услови. Во денови со силен ветер или други неповолни метеоролошки услови, жичарата нема да сообраќа поради безбедносни причини.