По двегодишна обемна истрага, француските власти разоткрија голема меѓународна криминална мрежа вклучена во местење натпревари во професионалниот тенис. Во фокусот на истрагата се пониско рангирани играчи, на кои им биле нудени парични износи за намерно губење, а дел од инволвираните веќе ја признале вината.
Скандалот важи за еден од најголемите што го потресе светот на тенисот во последните години. Истрагата започнала откако биле забележани сомнителни обложувачки активности на турнир во францускиот град Родез. Истражителите утврдиле невообичаено високи исплати за натпревар во двојки, во кој двајца француски тенисери покажале некарактеристично и необјасниво однесување на теренот.
Досега, седум лица – меѓу кои активни и поранешни тенисери, како и нивни блиски соработници – се соочуваат со обвиненија за организирана измама, корупција во спортот и учество во криминална група. Тројца француски тенисери кои неодамна беа приведени веќе ги признале делата и во наредниот период ќе бидат изведени пред истражен судија за формално поднесување обвиненија.
Според наодите на истрагата, криминалната структура систематски ги таргетирала младите професионални тенисери кои се наоѓаат надвор од првите 100 места на АТП ранг-листата. Тие биле избрани поради нивната финансиска несигурност и ограничени можности за заработка.
Стефан Пијала, раководител на одделот за истраги поврзани со спортско обложување во француската полиција, објасни дека ваквите играчи често се подложни на притисок, бидејќи за нив не се потребни големи суми за да бидат вовлечени во измама.
Колку е силен притисокот, сведочи и исказот на француската тенисерка Марин Парто (31), која за време на истрагата открила дека на еден турнир во Романија ѝ биле понудени неколку илјади евра во кеш само за намерно да го загуби првиот гем од натпреварот. Иако ја одбила понудата, таа посочила дека лесно може да се разбере зошто дел од играчите би се согласиле, бидејќи понудениот износ речиси одговара на паричната награда за освојување цел турнир на тоа ниво.
















