По пауза од пет години, Големата награда на Турција повторно се враќа во Формула 1, со што Балканот повторно добива трка од елитниот календар.
Според информации потврдени од ФИА и извори блиски до Motorsport Turkey, трката ќе биде вклучена во следната сезона како дел од повеќегодишен договор, а се очекува и официјална објава во Истанбул.
Патеката Истанбул Парк ќе биде темелно реновирана и модернизирана за да ги исполни највисоките стандарди за организација на Формула 1 трки. Свеченото соопштение се очекува во претседателската палата „Долмабахче“, со најавено присуство на високи државни и спортски претставници.
Според првичните планови, се преговара за петгодишна соработка, а трката би се возела во септември, веднаш по Големата награда на Азербејџан во Баку.
„Истанбул Парк“ има богата историја во Формула 1 – беше дел од календарот од 2005 до 2011 година, а накратко се врати и во 2020 и 2021 година за време на пандемијата. Патеката остана запаметена по драматични трки и победите на имиња како Кими Раиконен и Луис Хамилтон.
Покрај Турција, се разгледува и можноста за враќање на Големата награда на Индија, но таа иницијатива останува на подолгорочен план.









