Руската државна телевизија „Русија 1“ објави материјал во кој се наведуваат потенцијални цели во Киев кои, според нивните тврдења, би можеле да бидат погодени во случај на „провокација“ или нарушување на парадата за Денот на победата што се одржува на 9 мај во Москва.
Во телевизискиот прилог биле прикажани повеќе значајни локации во централниот дел на украинската престолнина, меѓу кои се владините институции, зградата на украинскиот парламент, објекти поврзани со безбедносните служби, како и дипломатски претставништва на странски држави.
Според изнесените тврдења во емисијата, во евентуален одговор би можел да биде опфатен целиот владин кварт во Киев, кој се протега од Маринскиот парк до зградата на Кабинетот на министри. Во истиот контекст биле споменати и Врховната рада, седиштето на украинската служба СБУ, како и објекти во близина на амбасади на повеќе земји.
Во извештајот било нагласено дека во густо населениот кварт Шевченко се наоѓаат дипломатски претставништва на десетици држави, меѓу кои се амбасадите на САД, Германија, Франција, Италија, Полска и Канада.
Во прилогот настапил и Константин Книрик, кој бил претставен како учесник во дискусијата, при што директно ја споменал улицата Банкова во Киев, каде се наоѓа кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој изјавил дека Русија наводно има капацитет да погоди и подземни објекти што ги користи украинското раководство.
Исто така било наведено дека украинските власти сериозно ги разгледуваат ваквите предупредувања, при што бил забележан зголемен интерес за изнајмување станови во западниот дел на Украина, што според изнесеното во прилогот се поврзува со страв од можна ескалација.
Објавата доаѓа во период на дополнително засилени тензии меѓу Москва и Киев, непосредно пред одбележувањето на 9 Мај, Денот на победата, кој традиционално се одржува со голема воена парада во Москва.








