Здружението на германски воздушни пристаништа (ADV) издаде предупредување дека во иднина би можело да дојде до значително откажување на авиолетови, што директно би погодило милиони патници низ Европа, како и до дополнително зголемување на цените на авионските билети поради недостиг на млазно гориво.
Главниот извршен директор на ADV, Ралф Бејзел, изјави дека постои сериозна загриженост дека ќе бидат укинати дополнителни летови, особено кај нискобуџетните авиокомпании и на линии кон дестинации кои се сметаат за помалку значајни за туризмот и редовниот сообраќај.
Според анализите на здружението, за 2026 година најоптимистичкото сценарио предвидува бројот на патници да остане на сегашното ниво, додека најлошото сценарио укажува на пад на капацитетот на одредени аеродроми и до 10 проценти. На ниво на цела Германија, тоа би значело околу 20 милиони патници погодени од укинати или намалени летови.
Таквиот развој би довел до ситуација во која дел од дестинациите целосно би биле отстранети од авионските мрежи, додека на други релации би се намалил бројот на летови, што автоматски би резултирало со повисоки цени за преостанатите билети.
Како една од клучните причини за ваквите проблеми се наведува воениот конфликт во Иран, кој влијае врз испораките на нафта преку Ормускиот теснец. Ова директно предизвикало зголемување на цената на млазното гориво, познато како керозин, што создава дополнителен притисок врз авиокомпаниите.
Бејзел посочи дека цените на керозинот моментално се двојно повисоки во споредба со периодот пред конфликтот и дека таквата состојба трае повеќе од два месеци, без индикации за скорешно стабилизирање.
Тој предупреди дека дури и во ситуација кога горивото би било достапно, голем дел од авиолиниите нема да можат економски да функционираат поради високите трошоци, што дополнително ја зголемува неизвесноста во авио-секторот.








