ПРВ.мк
Црна Хроника

СЕЌАВАЊЕ НА ЖРТВИТЕ: 11 години од настаните во „Диво насеље“ - кои беа хероите на Македонија?

СЕЌАВАЊЕ НА ЖРТВИТЕ: 11 години од настаните во „Диво насеље“ - кои беа хероите на Македонија?

Денеска се навршуваат единаесет години од вооружената престрелка во кумановската населба „Диво насеље“, еден од најтешките безбедносни инциденти во поновата историја на Македонија, кој се случи на 9 и 10 мај 2015 година.

Во 28-часовните интензивни престрелки животот го загубија осум припадници на безбедносните сили: Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ. Тие подоцна постхумно беа одликувани со медали за храброст за нивната служба и жртва.

Во истата акција беа повредени и 37 припадници на безбедносните сили, што дополнително ја нагласува жестината на судирите што се водеа во густо населеното подрачје.

По повод годишнината, во кругот на СВР Куманово беше откриена спомен-плоча во чест на загинатите припадници на полицијата, како траен симбол на нивната жртва. Дополнително, во централното подрачје на градот е поставен и мурал со порака „Хероите живеат вечно“, посветен на паднатите припадници на безбедносните сили.

Во организација на синдикалната организација на Синдикатот на полицијата на Македонија при СВР Куманово, одбележувањето започна со панихида во Соборниот храм „Свети Никола“, каде што беше оддадена почит на загинатите. Потоа следеше полагање цвеќе пред спомен-обележјето во кругот на СВР Куманово.

Комеморативните активности продолжуваат со меморијален турнир во мал фудбал под мотото „Хероите живеат вечно“, како и со хуманитарна акција за поддршка на полициски службеник. Во недела е најавен и 11. Меморијален велосипедски круг во организација на Патриотско друштво.

Во текот на настаните беше потсетено и на драматичните два дена во 2015 година, кога населбата „Тоде Мендол“, позната како „Диво насеље“, беше целосно блокирана од безбедносните сили, жителите беа евакуирани, а градот беше под постојано надлетување на хеликоптери.

Жителите на Куманово и денес се сеќаваат на тие настани како на период на страв и неизвесност, со порака дека вакви трагични случувања не смеат да се повторат и дека споменот на загинатите останува длабоко врежан во колективната меморија на градот.