Македонското небо се подготвува за значително зголемен воздушен сообраќај ова лето, откако вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски најави отворање на пет нови авиолинии кои ќе ги поврзат Скопје и Охрид со неколку големи европски дестинации.
Во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.mk, Николоски истакна дека од јуни започнува воведување на нови летови кои ќе ја зајакнат поврзаноста на Македонија со Европа и ќе ја зголемат туристичката понуда.
Според најавите, Охридскиот аеродром за првпат ќе биде поврзан со Виена преку „Austrian Airlines“, што се оценува како значаен чекор за развој на туризмот во регионот. Дополнително, се воведуваат и линии кон полските градови Краков и Вроцлав, кои ќе ги оперира компанијата „Wizz Air“.
Скопскиот аеродром, пак, од јуни ќе добие две нови директни линии кон Италија, кон градовите Палермо на Сицилија и Алгеро на Сардинија, со што се прошируваат медитеранските дестинации за македонските патници.
Николоски оцени дека новите линии отвораат широки можности за патување и туризам, истовремено нагласувајќи дека Скопје и Охрид сè повеќе се позиционираат како стабилни воздушни точки во регионот, дури и во услови на глобални предизвици.
Тој исто така откри дека Македонија во моментот располага со значителни резерви на авионско гориво и дека земјата има обезбедено околу 90 дена залихи керозин, што е над законски пропишаните норми.
Според него, поради оваа стабилност, македонските аеродроми во моментов играат и регионална улога, снабдувајќи дел од аеродромите во соседството, меѓу кои Приштина и Ниш.
Како што наведе, оваа позиција ја прави Македонија атрактивна точка за авиокомпаниите, што придонесува за поефикасно користење на летовите и зголемена фреквенција на слетувања.
Николоски заклучи дека ваквиот развој ќе придонесе за стабилен и непрекинат воздушен сообраќај во земјата, како и за дополнително привлекување на нови авиопревозници во идниот период.








