Сериозен инцидент се случил во скопската населба Карпош 4, во близина на основното училиште ОУ „Петар Поп Арсов“, кога дете било нападнато од чопор кучиња скитници, што повторно го отвори прашањето за безбедноста во овој дел од градот.
Мајката на детето јавно реагира дека нејзиното дете било нападнато од околу пет кучиња, при што едно од нив го каснало за ногата. Таа наведува дека, иако повредата за среќа не е тешка, ситуацијата можела да заврши многу посериозно.
Во својата реакција, мајката изразува големо незадоволство од, како што вели, недоволната реакција на надлежните институции и градските власти, истакнувајќи дека проблемот со кучињата скитници во населбата трае подолг временски период без конкретно решение.

Таа особено ја критикува локалната самоуправа, наведувајќи дека реакција постои само во одредени ситуации, додека реалните проблеми на граѓаните остануваат нерешени.
„Општината малку повеќе да се ангажира околу кучињата скитници пред секоја зграда. За сликање први сте, а за наша заштита и грижа ве нема никаде“, стои во нејзината реакција, во која упатува директна критика кон надлежните.
Инцидентот повторно ја актуелизира загриженоста на жителите во Карпош 4, особено родителите на ученици кои секојдневно поминуваат низ подрачја каде што се забележани кучиња скитници, барајќи итни и системски мерки за решавање на проблемот.








