Необичен случај ја изненади швајцарската јавност откако 81-годишен жител на Базел заврши пред суд затоа што го украл автомобилот што претходно самиот го продал.
Случајот започнал во јуни 2024 година, кога пензионерот го продал својот Mercedes SL 350 на купувач од Белгија за околу 20.000 швајцарски франци, односно приближно 21.300 евра. Меѓутоа, без знаење на новиот сопственик, тој го задржал резервниот клуч од возилото.
Речиси шест месеци подоцна, непосредно пред Божиќ, отпатувал во Белгија и го зел автомобилот од домот на сопственикот, користејќи го токму резервниот клуч.
За да ја прикрие кражбата, на возилото поставил свои регистарски таблички, ја поништил регистрацијата и се обидел да го прикаже автомобилот како повторно да е во негова сопственост.
Сепак, истрагата брзо го открила случајот, по што тој бил изведен пред суд во Швајцарија.
Судот му изрекол условна казна затвор од две години, парична казна од 3.600 швајцарски франци, како и дополнителна казна од 1.200 франци.
Необичниот случај привлече големо внимание во јавноста поради несекојдневниот начин на кој осомничениот се обидел да го врати автомобилот што претходно доброволно го продал.







