ПРВ.мк
Балкан

Шокантна исповед на патникот од летот на „Рајанер“

Шокантна исповед на патникот од летот на „Рајанер“

Речиси две недели по драматичниот инцидент на летот на „Рајанер“ од Солун до Меминген, првпат јавно проговори 61-годишниот Љубиша Каровиќ, кој за малку ќе го загубел животот откако се скршил прозорецот до неговото седиште.

Инцидентот се случил на 10 јули, кога, според неговото сведоштво, неколку минути по полетувањето се слушнал силен удар. Наводно, дел од моторот удрил во прозорецот, кој се скршил, а поради наглата декомпресија Каровиќ бил извлечен кон отворот, при што главата и рамената му останале надвор од авионот.

Во интервју за германскиот весник „Билд“, тој раскажува дека во моментот на несреќата спиел.

„Ме разбуди силен звук, како да експлодира бомба. Кога повторно дојдов при себе, имав крв насекаде. Штом ги затворам очите, повторно ги гледам тие сцени. Тоа е кошмар што не можам да го опишам“, изјавил Каровиќ.

Тој се здобил со изгореници на десната рака и грбот, а привремено му била парализирана десната страна од телото. Повреди претрпеле и десното уво и десното око.

Освен физичките последици, вели дека се бори и со тешка психолошка траума.

„Не можам да одам по улица поради гужвата и вревата. Немам концентрација и не функционирам како порано. Дури и звукот на авион ме вознемирува“, рекол тој, додавајќи дека повеќе не може ниту да помисли да патува со авион.

Засега не е познато колку долго ќе трае неговото закрепнување и дали ќе му биде потребна дополнителна операција или долготрајна рехабилитација. Истрагата за причините за инцидентот сè уште е во тек.