Трагичен инцидент се случил на аеродромот „Фрањо Туѓман“ во Загреб, каде патник починал во авион на „Лауда Европа“ непосредно пред полетувањето.
Според информациите, на патникот му се слошило додека авионот таксирал кон пистата, односно во момент кога сè уште не бил во воздух.
Екипажот веднаш реагирал и, заедно со медицинскиот тим, се обидел да изврши реанимација, но обидите биле безуспешни и била констатирана смртта на патникот.
Од Меѓународниот аеродром во Загреб потврдија дека на 20 јули бил регистриран медицински инцидент и дека надлежните служби веднаш постапиле согласно своите процедури и овластувања.
Поради заштита на приватноста и затоа што не се надлежни за оперативните детали поврзани со летот и патниците, од аеродромот соопштија дека не можат да објават дополнителни информации за случајот.
Според информациите на хрватскиот портал Индекс, по отстранувањето на телото на починатиот од авионот, летот продолжил со истиот авион и истиот екипаж.
Засега не се соопштени причините за смртта на патникот, ниту неговиот идентитет. Надлежните институции треба да ги утврдат сите околности поврзани со трагичниот настан.









