Празникот Илинден традиционално го исполнува Охрид со гости, а продолжениот викенд, концертите и летната сезона повторно го прават градот една од најпосетените дестинации во земјата.
Потрагата по сместување за две лица покажува дека поевтините опции се веќе речиси исчезнати. Најтешко се наоѓаат апартмани со цена од околу 50 евра за ноќ, додека најголем дел од достапните понуди се движат меѓу 60 и 100 евра дневно.
За празничниот викенд има и значително поскапи сместувања, па дел од апартманите достигнуваат и до 500 евра за две ноќевања, без вклучени дополнителни услуги како појадок или користење базен.
И хотелите бележат повисоки цени. Ноќевање за двајца во зависност од категоријата и понудата се движи од околу 80 евра, па сè до над 250 евра.
Големиот интерес за Охрид дополнително го зголемува богатата музичка програма со концерти на познати регионални изведувачи, што привлекува голем број посетители од земјата и странство.
Охридските угостители очекуваат зголемен промет во празничниот период, а туристичката сезона и годинава се очекува да донесе голем број гости на охридското крајбрежје.










