Малечкиот остров Бардси (Bardsey), или Ynys Enlli на велшки, објави конкурс за три работни места: помошник чувар за посетители, чувар на добиток и службеник за информирање на јавноста. Иако ваквите огласи не се редокост, ова островче во северен Велс е посебно – таму живеат многу повеќе овци и фоки отколку луѓе.
Островот има само три постојани жители, а популацијата на добиток е импресивна: околу 300 овци и 200 сиви фоки. На Бардси нема автомобили, ниту електрична мрежа, но природата е спектакуларна – островот често го нарекуваат „врата на рајот“. Тој е и дом на првото европско засолниште за „темно небо“, совршено место за набљудување ѕвезди без светлосно загадување.
Секоја година островот привлекува стотици посетители кои бараат мирен одмор во идилична атмосфера. Сместувањето е ограничено на околу 15 објекти, кои служат како куќи за одмор или дом за сезонските работници.
Првите две работни позиции бараат живеење на островот, со обезбедено бесплатно сместување, додека третата позиција може да се извршува од дома. Саатната плата изнесува околу 12,71 фунти, односно околу 15 евра.
Сепак, пристапот до Бардси не е лесен – единствениот транспорт е со брод од Порт Медви (Porth Meudwy), кој плови само при поволни временски услови и кога има побарувачка. Цената на билетот е 57 евра за 20-минутно патување.
За оние кои се подготвени за едноставен, но необичен начин на живот меѓу овци и фоки, Бардси нуди уникатна можност за авантура и мир во природа како никде друго.

















