ПРВ.мк
Топ Вести

НОВИ ПРАВИЛА ЗА РАКОВОДНИТЕ ФУНКЦИИ: За 20 позиции веднаш ќе се бараат кандидати

НОВИ ПРАВИЛА ЗА РАКОВОДНИТЕ ФУНКЦИИ: За 20 позиции веднаш ќе се бараат кандидати

Од 1 октомври започнува примената на новиот Закон за висока раководна служба, со кој се менува начинот на избор на директори и други високи раководни кадри во јавниот сектор. Законот опфаќа околу 100 раководни позиции, а за дваесетина од нив веднаш треба да бидат распишани јавни огласи. 

Министерот за јавна администрација Горан Минчев изјави дека, иако бил предвиден период за имплементација до крајот на 2026 година, институциите се подготвени новиот систем да почне да се применува од 1 октомври. Според него, потребните закони, уредби и правилници се веќе донесени. 

Една од позначајните промени е начинот на избор на раководните кадри. Владината Кадровска комисија повеќе нема да го има досегашниот модел на именување на овие функционери, а кандидатите ќе треба да поминуваат низ постапка со однапред утврдени критериуми. 

Предвидени се аплицирање, електронско тестирање и интервју, додека изборот треба да го спроведува посебна комисија составена од искусни државни службеници.

Промени има и кај вршителите на должност. Според новите правила, в.д. директор ќе може да ја извршува функцијата најмногу шест месеци, по што ќе мора да биде распишан јавен оглас. Управните одбори, пак, ќе бидат ограничени на најмногу три члена. 

Според најавата на Минчев, постапките за дваесетината позиции за кои веднаш ќе бидат распишани огласи треба да завршат најдоцна до 31 декември.