Од утре се очекува ново зголемување на цените на горивата, а премиерот Христијан Мицкоски изјави дека сè уште нема точна пресметка колкаво ќе биде поскапувањето.
Како главни причини за растот на цените тој ги посочи зголемените цени на нафтата на светските берзи и посилниот курс на американскиот долар.
„Немаме направено калкулација за покачувањата, ќе има секако, бидејќи нафтата и бензините драматично пораснаа изминатата недела. И курсот на доларот е малку посилен во споредба со претходната недела“, изјави Мицкоски.
По последното поскапување, дизелот поскапе за 5,5 денари, а бензините за 1,5 денар. Премиерот најави дека Владата повторно ќе интервенира со намалување на акцизите за дизелот и безоловните горива.
Од СДСМ реагираа дека новото зголемување на цените на горивата дополнително ќе влијае врз животниот стандард на граѓаните, бидејќи ќе предизвика нов раст и на цените на храната.
„Новото поскапување на бензините ќе донесе и нови поскапи цени на веќе покачените цени на храната“, изјави Симона Цветановски од Извршниот одбор на СДСМ.
Во меѓувреме, Владата предложи продолжување на кризната состојба за снабдување со нафта и нафтени деривати. Одлуката, која треба да ја разгледа Собранието, предвидува продолжување на мерката до 20 октомври.
Како причина за продолжувањето се наведуваат ризиците поврзани со нарушувањата во глобалното снабдување, особено намалениот транспорт на нафта преку Ормускиот Теснец, што може да влијае врз светските цени.
Цената на суровата нафта „Брент“ во меѓувреме надмина 88 долари за барел, достигнувајќи највисоко ниво во последниот месец.









